Среќата се сврте – Мекиќ донесе триумф на МЗТ Скопје

МЗТ Скопје во супердраматичен натпревар славеше над Подгорица со 76-75, израмнувајќи ги сметките по несреќниот пораз од Сутјеска од пред два дена. Во дијаметрално спротивен меч од оној од понеделникот, „металците“ сега се наоѓаа на работ на амбисот, но противникот промаши две слободни фрлања при резултат 74-75, на десетина секунди до крајот. Адем Мекиќ, кој во иста ситуација промаши два „пенали“ против Сутјеска, овојпат ја имаше улогата на херој, храбро тргнувајќи на положување и погодувајќи за голема победа, седма за МЗТ Скопје во АБА2-лигата.

Македонскиот  шампион одлично го отвори натпреварот, поведувајќи со 10-3 по само неколку минути игра, а нешто подоцна следеше и првото двоцифрено водство за „металците“, од 18-7 со поените што ги постигна Рикиќ. Кошаркарите на Подгорица се разбудија, стабилизирајќи ја играта, но МЗТ сепак ја заврши стартната четвртина со водство од 23-18, по тројката што во последниот напад ја реализираше Војдан Стојановски. Втората четвртина донесе многу посериозни проблеми за тренерот Радуловиќ, откако одбраната воопшто не функционираше, па Црногорците поведоа со пет поени. Нивната серија ја прекина Милошевиќ, пред Стојановски да погоди нова тројка и на одмор да се замине со предност на Подгорица од минимални 42-43.

Второто полувреме почна со пет поени во низа на Бојан Крстевски, но следеше серија почетнички грешки во нападот што противникот ги искористи за повторно да дојде во водство. Подгорица имаше најубедливи „плус пет“ (54-59), но МЗТ благодарение на Милошевиќ и Рикиќ во последната четвртина влезе со само два поени негатива (60-62). Двете екипи имаа бројни нереализирани напади во првиот дел од четвртиот период, па во последните три минути се влезе со водство на црногорскиот претставник од 69-71. Следеше нова загубена топка, овојпат од Робев, па лична грешка од Кари што Вулевиќ ја претвори во предност на Подгорица од 69-73.

Мекиќ погоди тројка во последен момент враќајќи го МЗТ во игра на две минути до крајот (72-73), но судиите имаа две сомнителни одлуки, прекинувајќи ги нападите на аеродромци поради лични грешки во напад на Милошевиќ и на Војдан Стојановски. Подгорица знаеше како да го искористи тоа и стигна до „плус три“ на дваесетина секунди до крајот, но дури тогаш почна драмата. Рикиќ погоди за 74-75, а откако Чарапиќ промаши две слободни фрлања, Мекиќ ја имаше улогата на херој, за значајна победа на македонскиот првак во регионалното натпреварување.

МЗТ стигна до победата и покрај неубедливото издание во нападот и фактот дека „металците“ имаа дури 21 загубена топка, а најефикасни во редовите на аеродромци беа Милошевиќ со 15, Војдан Стојановски со 14 и Мекиќ со 10 поени.

Се вчитува...