Среќни денови за словенечкиот голман: Скок по „бронзата“ доби и син

Тоа што му се случи на голманот на „бронзената“ репрезентација на Словенија, Матевж Скок, ретко кому се случува. Во саботата со репрезентаcијата на Словенија го освои бронзениот медал на СП во Франција, а само што се врати дома, ноќта му се роди син.

„Синот се роди шест недели порано. Не изненади. За среќа со него се е во ред. Се се случи толку брзо, со сопругата не успевме ни име да му избереме. Селекторот ми предлагаше да биде Веселин. Го сакам селекторот, ама Веселин најверојатно нема да биде“ – со насмевка раскажува Матевж Скок за словенечкиот „Спортал“.

Словенечкиот голман пред новинарите не ги криеше солзите по големата радост што му се случи деновиве. Тој со многу емоции ја прослави саботната величествена победа против Хрватска, а не ја скриваше радоста ни минатиот вторник кога Словенија го победи Катар во четвртфиналето и влезе во борбата за медал. Тој ден неговиот прв син славел роденден, а Скок му ветил дека за подарок ќе му донесе медал. И го исполни ветувањето.

„Во транс сум, не можам да ги задржам чувствата. Добив два толку големи подароци за кратко време. Не знам дали тоа му се случило на некој друг. Ова е нешто неверојатно. Нема поубаво од ова, за два дена освоив медал на светско и добив уште еден син. Се уште не можам да се соземам“– вели 30-годишиот голман на репрезентацијата на Словенија.

фото: siol.net

Се вчитува...