Стабилизација на ситуацијата во ОК Вардар

Ситуацијата во Одбојкарскиот клуб Вардар се движи во позитивна насока по состанокот меѓу водечките луѓе на клубот и членовите на стручниот штаб и одбојкарите. Главна тема била финансиската ситуација во клубот, при што е договорено во најскоро време да бидат подмирени долговите кон играчите. Дејан Стојанов, кој долги години ја извршува функцијата шеф на стручниот штаб на „црвено-црните“, ја објаснува состојбата која придонесe и тој самиот да биде пред заминување од клупата на Вардар.

„Не стануваше збор за конфликт тренер – управа, бидејќи јас само ги застапував ставовите на целата екипа. Она што сега може да го истакнам е дека состојбата се движи во позитивна насока, имавме конструктивен состанок на кој ги искажавме своите ставови, беа поставени рокови за исполнување на обврските, нешто што искрено се надевам дека ќе биде исполнето. Тимот почнува да се натпреварува според планот, по добро сработените подготовки“, истакнува Стојанов.

Тој нема да ја води екипата на премиерниот натпревар против составот на Штип.

„Во моментов нема да го водам тимот, а во наредниот период ќе седнеме на маса со челниците на клубот и повторно ќе ја разгледаме ситуацијата. Примарно за сите нас е клубот да продолжи во посакуваниот ритам, за што неопходно ќе биде да се исполнат обврските кон играчите и членовите на стручниот штаб. Ќе повторам, ме радува што ситуацијата оди во позитивна насока, а има доволно време да се седне и да се дискутира за продолжување на соработката штом бидат исполнети дадените ветувања“, вели Дејан Стојанов.

Се вчитува...