Работнички се пласираше во финалето во кошаркаркиот плејоф откако актуелниот шампион славеше во мајсторката против Блокотехна со 88-78. Бекот на тимот од „Градски парк“, Бобан Стајиќ вели дека натпреварот очекувано беше тензичен и психолошки тежок, но на крајот пресуди искуството.
„Тензичен и психолошки тежок натпревар, како што и се очекуваше бидејќи беше решавачки меч. Блокотехна подобро го отвори натпреварот, но сепак ние успеавме да се држиме резултатски. Успеавме да се вратиме во мечот, да ја пронајдеме нашата игра и според мене на крајот нашето искуство пресуди и не однесе во финалето“, вели Стајиќ.
Во финалната серија Работнички ќе се сретне со МЗТ Скопје, а Стајиќ вели дека и покрај тоа што тимот од Аеродром е фаворит, тие нема да се предадат и единствена цел им е одбрана на титулата.
„МЗТ Скопје ќе биде фаворит во серијата поради повеќе фактори. Имаат предност на домашен терен, имаат поголем ростер, но и се посвежи бидејќи ние игравме два натпревари повеќе во полуфиналето. Сепак, финална серија е плус вечно дерби, заморот ќе се заборави и ќе преовлада адреналинот кој го носи мечот. МЗТ се фаворити, но нас единствена мисла ни е одбраната на трофејот во домашното првенство“, заврши Стајиќ.
Првиот меч од финалната серија меѓу МЗТ Скопје и Работнички ќе се игра в сабота наместо в петок во „СЦ Јане Сандански“ во Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА