Стајиќ: Блокотехна воопшто не ни одговара како противник, но наша цел секако е титулата

Работнички – Блокотехна и МЗТ Скопје Аеродром – Гостивар се полуфиналните двојки во плеј-офот во Првата македонска кошаркарска лига кои од недела ќе ја почнат битката за освојување на тронот во домашниот шампионат. Плејмејкерот на актуелниот шампион Работнички, Бобан Стајиќ вели дека за нив сега почнува сезоната, бидејќи главната цел на клубот е освојување на титулата во домашниот шампионат.

„Покрај сите проблеми, подеми и падови што ги имавме сезонава, успеавме да направиме добри резултати досега. Сега почнува вистинското, се што направивме досега не е важно, бидејќи главна цел за Работнички е освојувањето на титулата. Предност за нас е тоа што го освоивме Купот и затоа во финишот на сезоната влегуваме растеретено“, вели Стајиќ. 

Работнички во полуфиналето ќе има тешка задача против сезонава одличната Блокотехна, која во регуларниот дел беше трипати подобра од клубот од „Градски парк“.

„Блокотехна е незгоден противник. Можам да кажам дека воопшто не ни одговараат како тим. Најважно ќе биде да ја сопреме нивната транзиција, бидејќи сезонава многу пати се случуваше по наша грешка во нападот, тие брзо да не казнат. Ќе мораме да ги спречиме нивната контра и полуконтра. Одбраната ќе биде клучот во серијата, а јас се надевам дека ќе ги добиеме и ќе играме ново финале во домашниот шампионат“, додава Стајиќ. 

Работнички во своите редови освен бугарскиот интернационалец Чавдар Костов има само домашни кошаркари. Стајиќ смета дека тие покажаа дека може да се игра квалитетно и без помош од Американци, бидејќи домашните кошаркари подобра ја знаат нашата лига и знаат како се освојуваат трофеи во Македонија.

„Покажавме дека може и со домашни кошаркари да се игра одлично. Мираковски и Чековски се нашите најиксусни кошаркари кои одиграле многу натпревари во домашното првенство. Останатите сите сме во зрели години и знаеме дека уште многу години можеме да играме на врвно ниво. Кај нас странец е само Чавдар Костов, кој неколку години е со нас и веќе го гледаме како домашен. Одлично се познаваме и знам дека можеме втора година да стигнеме до шампионската титула“, завршува Стајиќ. 

Четирите клуба ќе се надигруваат во полуфиналните дуели по систем подобар од пет натпревари (прв до три победи), а потоа поуспешните два клуба ќе ја продолжат битката во финалето од плејофот. Натпреварите е предвидено да се одигруваат во деновите вторник-петок-недела, а првиот меч меѓу Работнички и Блокотехна е закажан за 26. мај (недела) со почеток во 20:15 часот.

Се вчитува...