Станиќ: Презадоволен сум од прикажаното во Штип, нема опуштање до самиот крај

Работнички влезе во победничка низа во домашниот шампионат откако во 28. коло славеше на гостувањето во Штип против Брегалница со минимални 0-1. Стрелец на единствениот гол за „романтичарите“ беше Гандо кој ја затресе мрежата во 59. минута.

Со новите три бода Работнички ја зголеми бодовната предност во однос на тимовите кои се наоѓаат во опасната зона на големо задоволство на тренерот Горан Станиќ кој сепак вели дека нема опуштање до самиот крај бидејќи секој натпревар е како финале.

„Задоволен сум од победата над Брегалница и од изданието на тимот. Фудбалерите во целост го исполнија планот што го имавме за овој натпревар и најважно е што на крајот ја реализиравме нашата цел. Тоа што го работиме во овој краток период откако го преземав сениорскиот состав дава резултати, ќе продолжиме да работиме напорно и да ги отстрануваме грешките кои се појавуваат. Два натпревари сме без примен гол, успеавме да освоиме седум бода на последните три натпревари и видливо е дека овој тим може да функционира и уште подобро. Ништо не е завршено, секој нареден меч за нас е финале и така и ќе се однесуваме се до крајот на првенството. Веќе сме фокусирани кон следниот противник, Македонија ЃП“, изјави Станиќ.

Се вчитува...