Тренерот на Работнички, Горан Станковски вели дека очекувал денешниот дуел, кој заврши без голови, со тимот на Скопје да биде тежок. Иако не создадоа многу шанси, Станковски е задоволен од прикажаното на неговите фудбалери, бидејќи забележува напредок во играта откако ја предводи оваа екипа.
„Сметам дека резултатот е реален, според она што го прикажаа двата тима. Очекував да биде многу тежок натпревар, така и се случи. Немаше многу шанси, но имаше доста возбудувања и притисоци од двете страни. Можам да бидам задоволен од она што го одигра мојата екипа денес, им честитам на борбеноста и желбата за надигрување. Во овој краток период откако го водам Работнички се забележува напредок во играта, како и на претходниот меч, така и денес, а ќе бидеме се подобри во следните натпревари“, истакна Станковски.
Тренерот на Скопје, Лупчо Марковски го дели мислењето со неговиот колега Станковски, очекувано се одигра тежок натпревар на стадионот во Автокоманда. Според него конечниот исход 0-0 на оваа средба е реален.
„Натпревар каков што се очекуваше, тежок, со многу цврстина. Работнички за разлика од другите натпревари тука настапи со комплетна екипа, можам да кажам и дека беа поодморени од нас, бидејќи прв пат играат со толку многу странски фудбалери. Ние пак, покрај сите проблеми што ги имаме настапивме и без нашиот најдобар напаѓач, бидејќи се опоравува од повреда. Не создадовме некакви шанси, ниту пак тимот на Работнички. Двете екипи дадоа максимум, од прекините и мешаниците можеа да искористат и двата тима, сепак мрежите мируваа, што е и најреален исход. Ние од натправар во натпревар растеме како екипа, покажавме дека можеме да играме фудбал и ќе продолжиме со таков став“, вели Марковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА