Не е сега така „црно“ во Дебар Маало како на стартот од сезоната, со оглед дека Работнички нанижа три победи во серија. По Пелистер и Вардар, „романтичарите“ го совладаа и Шкупи.
„Ме радува фактот што тимот од натпревар во натпревар игра се подобро. Со победите се врати и самодовербата и сега треба само да го држиме зацртаниот курс. Се разбира, има уште многу работа, затоа што само така и може да се реализираат целите“, вели тренерот Горан Станковски за официјалниот сајт на клубот.
Тој е задоволен од изданието на својот тим, иако сака подобра реализација на шансите од фудбалерите.
„Очекував тежок натпревар против Шкупи, затоа што добро го познавам тој тим и знам дека се многу дисциплирани во играта и делуваат компактно на теренот. Добро е што успеавме да го отвориме резултатот на крајот од првото полувреме, а потоа свесно малку се повлековме за да имаме повеќе простор за противнапади. Тоа ни овозможи да создадеме неколку шанси и во вториот дел. За жал, реализацијата не ни беше на ниво, но морам да бидам задоволен од изданието на тимот. На ниедна победа не треба да и се гледа во заби“, истакнува шефот на стручниот штаб, Горан Станковски.
Во следното 14.првенствено коло, Работнички ќе и гостува на Шкендија во Тетово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА