„Старата дама“ потпиша нов договор со Секулов, екс-македонскиот репрезентативец останува во Јуве до 2025 година!

Поранешниот македонски младински репрезентативец Никола Секулов, кој пред две години реши да настапува за Италија и да го смени спортскиот пасош, доби нов четиригодишен договор од Јувентус со важност до 2025 година.

Секулов, кој е роден во Пјаченца во младинскиот погон на Јувентус дојде пред пет години откако претходно првите фудбалски чекори ги направи во Пјаченца, Парма и Про Пјаченца, па стандардно игра за младинските категории на „старата дама“ до 15, 17, 19 и 23 години.

Офанзивниот фудбалер за врска со продолжување на соработката даде до знаење дека „старата дама“ сериозно смета на него во иднина, па нема да биде и изненадување ако во следниот период дури и дебитира за првиот тим.

За потсетување, Секулов беше дел од македонската селекција до 15, 16 и 17 години, а потоа од декември 2018 година почна да игра за италијанските младински селекции и досега има осум настапи за селекцијата до 17 години, шест за таа до 18 години и три за селекцијата до 20 години.

 

 

Се вчитува...