„Старите“ се спасуваа во последните секунди: Реми на братското дерби во Битола

Почетокот на третото суперлигашко коло донесе изненадувачки резултат, откако битолската пресметка меѓу Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 заврши без победник (28-28). Актуелниот вицепрвак беше голем фаворит, но во меч без преголем набој што многу наликуваше на пријателски дуел избраниците на Александар Јовиќ прикажаа повеќе на теренот и беа многу поблиску до победата, прокоцкувајќи „плус два“ во последната минута за реми на крајот.

Младите битолчани беа подобар противник во голем дел од првото полувреме, поведувајќи со 6-3. Првиот тим на „пелистерци“ само за момент поведе со еден гол предност, но пулените на Јовиќ пред крајот на полувремето го свртеа резултатот во своја полза и на одмор заминаа со водство од 14-12. Слична слика можеше да се проследи и во вторите 30 минути, во кои вториот тим на Еурофарм Пелистер долго време одржуваше водство меѓу еден и два гола разлика. На една минута до крајот резултатот гласеше 28-26 за Еурофарм 2, но првиот тим успеа да се врати и преку Радовиќ и Васиљев да избегне пораз.

Петар Атанасијевиќ постигна седум, а Ивановски шест погодоци за младиот состав на „пелистерци“, додека во првата екипа на Еурофарм најефикасни беа Радовиќ со девет и Хосни со пет гола.

Се вчитува...