Стартува 26. Светско ракометно првенство – нов формат, стари фаворити

Со натпреварот меѓу Германија и обединетата репрезентација на Кореја, денеска (18.15 ч.) во Берлин ќе биде означен стартот на 26. Светско првенство во ракомет на кое заеднички домаќини се Германија и Данска.

Македонската репрезентација е една од 24 учеснички на Мундијалот на кој се враќа стариот формат по кој се играше до 2011 година. Во првата фаза ќе има четири групи со по шест репрезентации. Најдобрите три од секоја група продолжуваат во втората фаза од шампионатот во која наместо досегашното елиминаторно осминафинале,  ќе бидат формирани нови две групи во кои вкрстуваат пласираните репрезентации од А/Б и Ц/Д групите. Првите две селекции од овие групи ќе играат во полуфиналето, а победниците во финалето. Трето и четвртопласираните селекции ќе разигруваат за пласман од 5 до 8 место и за мести во олимписките квалификации за Токио 2020.

Другите репрезентации што ќе завршат од 4 до 6 место во групите од првата фаза, ќе разигруваат за пласман од 13 до 24 место во „Президент Купот“.

СП 2019 ќе се игра на шест локации – во Данска градови домаќини се Хернинг и Копенхаген, а во Германија натпреварите ќе се играат во Берлин, Минхен, Келн и Хамбург. Отворањето е на 10 јануари во Берлин, а финалето на 27 јануари во Хернинг.

Репрезентацијата на Франција е рекордер со шест титули, актуелен светски шампион од претходното СП 2017 на кое беше домаќин и главен фаворит за новата шампионска титула. Иако на овој шампионат прв пат ќе бидат без легендарниот Тиери Омејер кој ја заврши репрезентативната кариера и без повредениот Никола Карабатиќ, избраниците на селекторот Дидие Динар се меѓу главните фаворити за златниот медал и на ова СП.

Во кругот на фаворити за шампионската титула се и селекциите на земјите домаќини Германија и Данска, Шведска и актуелниот европски шампион, Шпанија.

Секоја репрезентација настапува со тим од 16 играчи и во текот на првенството има право да направи две измени. Исклучок од ова е репрезентацијата на Кореја во која со специјална дозвола од ИХФ,  четворица ракометари од Северна Кореја се приклучуваат на јужнокорејскиот состав од 16 играчи.

Репрезентацијата на Македонија во првата фаза ќе игра во групата Б во Минхен во која противници ќе и бидат Јапонија, Бахреин, Хрватска, Шпанија и Исланд. Првиот натпревар на Мундијалот, македонските ракометари го играат  утре (15.30ч.) против селекцијата на Јапонија.

Се вчитува...