Стартува Бундеслигата: Баерн Минхен и без Левандовски главен фаворит за „салатарата“

Вечерва во 20:30 часот со натпреварот Ајнтрахт Франкфурт – Баерн Минхен, стартува германската Бундеслига. Германците почнуваат порано од предвиденото, поради Мундијалот во Катар.

Кога ќе се спомене титулата во ова натпреварување, само еден тим се споменува. „Вечниот шампион“ Баерн Минхен одново е фаворит за освојување на „салатарата“, и покрај тоа што остана без својот најдобар стрелец во историјата Роберт Левандовски. Полјакот се реши да го напушти тимот после седум години, и да се приклучи на Барселона.

Замената за Левандовски треба да биде Садио Мане, од кого многу се очекува во таборот на „Баварците“. Не беше донесен класичен шпиц, но тимот на Нагелсман се чини дека има премногу квалитет во своите редови да дојде до нов трофеј. Беше подмладена екипата до носењето на Гравенберх, Мазрауи и пред се на Де Лихт, со кого се очекува да бидат решени проблемите во одбраната кои се појавија минатата сезона. Тие заедно со искусните Нојер, Милер, Гнабри, Сане, Горецка… треба да го трасираат патот до нова, 11-та титула по ред.

Втор фаворит за титулата е Борусија Дортмунд. Тимот на „милионерите“ се реши ова лето да поработи на одбраната на екипата, па за таа цел беа доведени Никлас Зиле од Баерн Минхен, и Марсел Шлотербек од Фрајбург, кој беше прогласен за најдобар дефанзивец во изминатата сезона. Дортмунд го засили и средниот ред со Озчан. Сепак, се чини најголемата загуба на Борусија е во нападот, каде што си замина Ерлинг Халанд. Беше доведен на негово место Себастијан Халер, меѓутоа следуваше шокатна информација дека боледува од канцер на тестисите, и поради тоа ќе мора да паузира неколку месеци. Борусија во моментов бара негова замена, барем во овие шест месеци, а се споменуваат имиња како Кавани, Депај, Џовани Симеоне…

После овие два тима, следува тимот на Лајпциг, а тука е и Баер Леверкузен. Лајпциг се засили со Раум од Хофенајм и со Шлагер од Волфсбург, а се споменува и враќање на Вернер. Со Нкукву, Собослаи, Силва, Лајмер, Олмо со задржувањето на Гвардиол и Орбан, се очекува Лајпциг да биде во топ 3 екипи сезонава.

„Фармацевтите“ од Леверкузен, пак, од звучните имиња го донесоа само талентираниот Адам Хложек. Имаат млада екипа, која сака да се докажува, а сигурно нивен најсилен адут е Флоријан Вирц кој го продолжи договорот пред завршувањето на минатата сезона.

Како актуелен освојувач на Лигата на Европа, Ајнтрахт Франкфурт сезонава се очекува да се вмеша во битката за првите четири места кои носат во Лигата на шампионите. Но, токму нивниот настап во ЛШ сезонава може да ги расипе плановите, со оглед дека Ајнтрахт и нема широк квалитетен ростер да атакува на успех во двете конкуренции. Беа доведени звучни имиња како Марио Геце, Јенс Петер ХАуге, а дојде и Лукас Аралио од Леверкузен како и некои млади играчи од Салзбург, Хамбургер, младинскиот тим на Баерн… Ајнтрахт речиси го заврши костурот на тимот од лани. Шокантно за нив беше пензионирањето на Хинтерегер на 29 години, меѓутоа Оливер Гласнер има квалитет со кој може да ја потполни празнината.

Фрајбург повторно ќе биде еден од конкурентите за излез во Европа. Долго време овој тим беше меѓу топ 4 екипи минатата сезона, но во финишот потфрли и на крајот обезбеди само шесто место. Тимот го загуби Шлотербек, но беше вратен репрезентативецот Матијас Гинтер.

Хофенхајм, Борусија Менхенгладбах, Волфсбург се екипите кои треба да атакуваат на излез во Европа, додека останатите ќе се борат за да го избегнат најлошото – испаѓањето од Лигата. Унион Берлин иако заврши на високото пето место, се чини дека сезонава по загубата на Авонији ќе нема сила да се носи со конкурентите.

Интересни дуели се очекуваат, особено помеѓу Баерн и Борусија Дортмунд, но и оние на „милионерите“ со повратникот Шалке во рурското дерби. Сезонава Бундеслигата ќе има претставник од Македонија во името на Дарко Чурлинов, репрезентативецот кој игра за Штутгарт, тим кој што ќе треба да биде еден од кандидатите за средината на табелата, односно да го избори директниот опстанок во Бундес друштвото.

  1. КОЛО

ПЕТОК, 20:30 Ч.

Ајнтрахт Ф. – Баерн Минхен

САБОТА, 15:30 Ч.

Аугсбург – Фрајбург

Б. Менхенгладбах – Хофенхајм

Бохум – Мајнц

Унион Берлин – Херта

Волфсбург – Вердер

САБОТА, 18:30 Ч.

Борусија Д. – Б. Леверкузен

НЕДЕЛА, 15:30 Ч.

Штутгарт – Лајпциг

НЕДЕЛА, 17:30 Ч.

Келн – Шалке

Се вчитува...