СТАРТУВА НОВАТА СЕЗОНА ВО ПРВАТА ЛИГА: Струга ТЛ против Победа за потврда на европските амбиции!

Со натпреварот меѓу Струга ТЛ и Победа денеска од 17:30 часот во Струга стартува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.

Викендов стартува некомплетно прво коло, поради одложувањето на двата натпревари на Шкупи и Шкендија кои имаат европски ангажмани, па ќе бидат одиграни само три натпревари.

Во Струга ТЛ пред стартот на сезоната владее позитивна атмосфера преку која се посакува триумф на првиот дуел сезонава, и потврда на европските амбиции.

„Со нетрпение го очекувам првиот официјален натпревар со Струга. Судбината сакаше да ја започнеме сезоната против екипа со која игравме пред неколку недели во рамки на подготовките, па горе-долу го знаеме потенцијалот и силата на Победа. Мислам дека ако се држиме до советите на тренерот, се ќе биде во ред и ќе дојдеме до триумф и три бода“ – вели засилувањето од Динамо Тирана за стружани, Енис Гавазај пред денешниот дуел со Победа, притоа дополнувајќи:

„Првпат играм во македонската лига и среќен сум поради тоа. Им ветувам на навивачите дека ќе има максимална посветеност и дека ќе се обидеме да ги израдуваме што е можно повеќе со многу победи на зелениот терен. Го направив вистинскиот избор со доаѓањето во Струга ТЛ”.

Но, и во таборот на повратникот во Првата лига, Победа, веруваат дека можат до позитивен резултат како потврда на тоа дека нема да бидат аутсајдери во лигата.

„Струга ТЛ е поквалитетна екипа во однос на минатата сезона, која се засили и со неколку квалитетни играчи предводени од Бесарт Ибраими. Струга си го задржа истиот начин на игра, со цврст, агресивен пристап, и сигурно ќе биде тежок противник на стартот. Но, и ние во ова првенство си имаме свои цели и сигурно Победа сака уште од првиот натпревар да покаже дека нема да биде аутсајдер во шампионатот. Одработивме добри подготовки кои ни послужија да создадеме еден модел и структура на игра која верувам играчите ќе ја спроведат на натпреварот“ – вели Бабунски.

ПМФЛ – 1. КОЛО (денеска, 17:30 ч.)
Струга: СТРУГА ТЛ – ПОБЕДА
УТРЕ (17:30 ч.)
Струмица: АК. ПАНДЕВ – БРЕГАЛНИЦА
Кратово: СИЛЕКС – РАБОТНИЧКИ
Тетово: ШКЕНДИЈА – СКОПЈЕ (17. август, 17 ч.)
Кавадарци: ТИКВЕШ – ШКУПИ (7. септември, 16 ч.)
МАКЕДОНИЈА ЃП – слободна

Се вчитува...