Стартува плејофот: Можат ли Блоко и Гостивар до „брејк“ во Скопје?

Време е за завршната фаза од кошакарскиот шампионат, вечерва стартува плејофот во кој најдобрите четири екипи од Супер-лигата го стартуваат разигрувањето за титулата. Полуфиналето стартува во 19 часот, со пресметката меѓу Работнички и Блокотехна (СЦ „Борис Трајковски), додека втората полуфинална двојка ќе почне во 20.15 часот, меч во кој Гостивар во скопската населба Аеродром ќе го предизвика МЗТ Скопје.

Јасно е, скопските екипи се фаворити, со оглед на фактот дека имаат најдобар скорр во досегашниот дел од сезоната, но Блоко и Гостивар се познати како екипи со карактер што никогаш не се предаваат и кои сигурно ќе ја искористат секоја шанса за изненадување што ќе им се укаже.

Мечот меѓу Работнички и Блокотехна воедно е и реприза од финалето во Купот на Македонија, но мора да се истакне дека во Првата лига и во Супер-лигата тимот од Гевгелија имаше скор од три победи и само еден пораз против актуелниот шампион.

„Блокотехна е незгоден противник. Можам да кажам дека воопшто не ни одговараат како тим. Најважно ќе биде да ја сопреме нивната транзиција, бидејќи сезонава многу пати се случуваше по наша грешка во нападот, тие брзо да не казнат. Ќе мораме да ги спречиме нивната контра и полуконтра. Одбраната ќе биде клучот во серијата, а јас се надевам дека ќе ги добиеме и ќе играме ново финале во домашниот шампионат“, истакнува Бобан Стајиќ, плејмејкерот на Работнички.

Гостивар и без помошта на повредениот Бојан Трајковски стигна до скор 7-3 во десетте суперлигашки средби, што му го донесе на тимот на Марјан Србиновски пласман во плејофот.

„Ќе се игра во згуснат распоред, а МЗТ има поголем ростер од нашиот, што го прави уште поголем фаворит. Сепак, како што реков, ние нема да излеземе на терен со бело знаме, ќе играме најдобро што знаеме и доколку ни се укаже можност, дефинитивно ќе сториме се за да го изненадиме лидерот на Супер-лигата“ – вели тренерот на гостиварци во пресрет на оваа полуфинална серија.

Се вчитува...