СТАТИСТИКА: Македонија на ЕП низ бројки – крилата потфрлија, загубените топки – голем проблем

Македонија неславно го заврши настапот на европскиот шампионат, како дел од групата А во Дебрецин. Јасно беше дека групата е незгодна, со Данска и Словенија како главни фаворити, но Црна Гора со пласманот во следната рунда покажа дека исто така е селекција што напредува во однос на претходните години, нешто што е чиста спротивност на трендот на македонскиот национален тим.

Статистиката е поразителна од толку многу аспекти, но најразочарувачки е бројот на загубени топки, дури 45 или 15 по натпревар, бројка што најдобро ги одразува проблемите со кои се соочивме во нападот. Од овие 45, најмногу од сите има Мартин Велковски – 10, пред Кузмановски со седум, Талески со шест…

Цветан Кузманоски со 15 постигнати погодоци е најдобар стрелец на овој шампионат, а двоцифрен број на голови постигнаа само уште Мартин Велковски (11) и Жарко Пешевски (10). Кога станува збор за асистенциите, тука израмнети се Велковски и Филип Кузмановски со по девет додавања за погодок.

Кога станува збор за голманите,  Никола Митревски на двете средби на кои бранеше имаше успешност од 33% (16/48), додека Мартин Томовски го заврши ЕП 2022 со 26‚ успешност во интервенциите (19/72).

Генерално гледано, во нашата игра потфрлија крилните ракометари и тоа од акциите од агол што вообичаено ги реализираат, но овојпат беа далеку под посакуваните бројки. Цветан Кузманоски е лево крило и најдобар стрелец, но тој осум од петнаесетте погодоци ги постигна од пенал, додека од крило имаше скромни 50% успешност (5/10, надополнети со 2/3 од контранапад). Уште полошо изгледаше десната страна, каде реализацијата изнесуваше очајни четири гола од 11 обиди.

Се вчитува...