Ставре Јада во Австрија ќе ја темпира формата за Зимските олимписки игри во Пјонгчанг

Најдобриот македонски нордиец Ставре Јада, по обезбедувањето олимписка А-норма, од почетокот на следниот месец со планирани подготовки во Австрија ќе ја темпира формата за настап на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг, Јужна Кореја, кои стартуваат од 10. февруари следната година.

Јада, како што е познато, А-нормата ја обезбеди на трката овој месеци во Стрбске Плесо, Словачка, завршувајќи на деветтото место во генерален пласман и на второ место во јуниорска конкуренција, притоа со освоени 97,44 точки доволни за олимписка норма.

Сега комплетно фокусот е ставен на што подобри подготовки за ЗОИ.

„Од почетокот на следниот месец ќе следат финалните подготовки предводени од мојот тренер Ѓоко Диневски. Најпрво, според програмата, на 12. февруари треба да настапам на спринтот на 1.500 метри, а потоа ќе следи настапот на 16. февруари во мојата најдобра дисциплина, 10 километри, каде ќе биде ставен фокусот. Дополнително ќе одлучиме дали ќе настапам на крајот и на маратонот на 50 километри кој е закажан за 23. февруари. Во секој случај сакам во што подобро издание да ја претставам Македонија и македонскиот спорт во Пјонгчанг“ – вели 19-годишниот Ставре Јада.

Се вчитува...