Стефан Ристовски се враќа во А-тимот, без Барди и Велковски против Словенија и против Полска

Фудбалерот на Спортинг Лисабон, Стефан Ристовски, се враќа на списокот на селекторот Игор Ангеловски за претстојните квалификациски натпревари против Словенија во Скопје и против Полска во Варшава. Тој ја надмина повредата која подолг период го оддалечи од терените, тренира со максимален интензитет две седмици и се очекува да биде во полн ритам за натпреварите на националниот тим.

По триумфот против Летонија и ремито со Израел, македонскиот репртезентативен состав во првата половина на октомври ќе ги игра можеби и клучните мечеви во групата за пласман на ЕП 2020 година. Позитивни резултати против Словенија и против Полска можат да ја вивнат во трка за второто место во квалификациската група.

Сепак, не е се идеално за селекторот Ангеловски. Ќе недостигаат двајца стартери од минатите натпревари. Дефанзивецот Дарко Велковски е повреден и ќе паузира подолг период, а Енис Барди утре ќе има медицински тестови откако го повреди бутниот мускул. И тој најверојатно нема да може да помогне за претстојните репрезентативни предизвици.

Селекторот Игор Ангеловски утре и официјално ќе го соопшти списокот на повикани фудбалери за натпреварите против Словенија и против Полска.

Се вчитува...