Степанчиќ: Вардар докажа дека чуда се случуваат, ЕХФ го уништи спортот

Бекот на Пик Сегед, Лука Степанчиќ, отворено говореше против одлуката на ЕХФ на укинување на осминафиналните и четвртфиналните средби од Лигата на шампионите и именување на Барселона, ПСЖ, Кил и Веспрем во патници на Ф4 турнироте во Келн. Пик Сегед во осминафиналето важеше за голем фаворит во двомечот со Вардар, а Степанчиќ вели дека со ваквиот развој на настаните било спречено ново ракометно чудо, како она што лани го направи македонскиот првак.

„Во случај ние да славевме против Вардар и Веспрем да го одработеше својот дел од работата, тоа ќе беа драматични четвртфинални дуели за кои никој не може да знае како ќе завршат. Дури и доколку ние бевме втори и патувавме за Келн, таа одлука ќе беше нефер како што е оваа што е донесена во случајов. ЕХФ со она што го реши го уништи спортот и спортскиот дух, им ја одзеде на многу клубови можноста да сонуваат за европската круна. Вардар докажа дека чуда се случуваат, претходно тоа го стори и Фленсбург, а со ваквиот однос на ЕХФ се испраќа лоша порака до младите генерации, при изборот на спорт да не го изберат ракометот“, истакна Степанчиќ.

Пик Сегед ги распушти своите ракометари откако и Унгарската Ракометна Федерација објави крај на првенството, без да именува шампион.

Се вчитува...