Стерјов: Ова е таа година… Еурофарм Пелистер оди по три трофеи

Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер го официјализираше стартот на новата сезона со посебна церемонија во Битола на која беа преставени новитетите во клубот.

Првиот човек на „пелистерци“, Зоран Стерјов на настанот изјави дека ова е таа година во која клубот треба да ги освои сите трофеи во домашниот шампионат.

„Горд сум кога ги гледам нашите две екипи, компетитивни и спремни за новата сезона. Ние сме уникатен пример за два клуба од исто ракометно семејство кои играат во европските клупски натпреварувања и верувам дека наредна цел треба да ни биде да подигнеме трофеи со двата клуба. Посебно сум задоволен што секоја година промовираме членови од Еурофарм Пелистер 2 во новајлии во првиот тим. РК Еурофарм Пелистер ќе ги нападне и има за цел да ги освои сите домашни трофеи: Суперлигата, Купот и Суперкупот на Македонија, добра презентација во СЕХА лигата, а во ЕХФ Лига Европа се стремиме да ја поминеме групната фаза. Доколку успееме во тоа, зошто да не отидеме и чекор подалеку од минатите сезони. На момците од Еурофарм Пелистер 2 им посакувам повторување на ланските резултати и место во плеј-офот. Тие знаат секогаш да нè изненадат со постигнувањата на теренот. Благодарност до спонзорите кои нè следат и го препознаваат овој проект, до нашата армија симпатизери и се гледаме во спортската сала „Боро Чурлевски“. Ви посакувам добро здравје, напорна и професионална работа и многу успеси“, изјави првиот човек на тимот, Зоран Стерјов.

Се вчитува...