Стигна и потврдата од ЕХФ – Вардар пак ќе игра во ЛШ

Двократниот европски првак Вардар и во следната сезона ќе биде дел од Лигата на Шампионите, откако беа надминати недоразбирањата со ЕХФ поради депозитот од еден милион евра што европската куќа на ракометот го бараше од „црвено-црните“.

„Вардарци“ уште при првиот собир на тимот најавија дека проблемот е решен, за денеска да добијат и официјална потврда од ЕХФ дека ќе бидат дел од групната фаза во елитното европско натпреварување.

„Вардар1961 ги исполни барањата на ЕХФ – потврдено учеството во Лигата на шампионите Европската ракометна федерација го информираше Вардар1961 дека е потврдено играњето на клубот во лигата на шампионите во сезоната 2021/2022. Кон Вардар1961 беа поставени одредни дополнителни барања за целосно потврдување на местото во ЛШ. Клубот во предвидениот рок, заедно со ЕХФ најде решение за поставените барања, истите ги исполни со што нема пречки и дилеми околу нашето играње во групната фаза од ЛШ. Истото известување за исполнување на условите е испратено и до сите екипи во ЕХФ лигата на шампионите“, објави Вардар.

Македонскиот првак во новата сезона ќе биде во иста група со екипите на ПИК Сегед, Кил, Алборг, Мешков Брест, Монпелје, ППД Загреб и Елверум.

Се вчитува...