Стоилов на клупа, а пикерите промашуваа… дали селекторот го заборави Мишевски?

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Македонија успеа да се врати во мечот, се влезе во неизвесна завршница, а кога резултатот се кршеше и се играше „гол за гол“, Стојанче Стоилов остана на клупата додека нашиот национален тим беше во напад. Во тој период Пешевски и Маркоски двајцата промашија зицери од одлични ситуации, но капитенот на Вардар остана на клупа до самиот крај. Како што вели селекторот, причините биле тактички.

„Стоилов не е повреден. Тоа беше тактичка одлука заради ротацијата и брзата игра на противниците. Жаре е добар напаѓач, сите го знаете тоа, но ете денеска не успеа да погоди“, изјави Брестовац.

Македонскиот селектор имаше пофални зборови за Марко Мишевски, младиот ракометар на Гренобл кој одлично се снајде во дефанзивата во првото полувреме.

„Ако може да се истакне еден играч, јас би го истакнал Мишевски, кој беше одличен. На големите натпреварувања се добиваат големи играчи, ние денеска го добивме Мишевски, кој и во иднина ќе биде значаен ракометар во нашата репрезентација. Со овој настап тој докажа и дека лани беше неправилно избркан од Вардар“, го пофали Брестовац младиот ракометар.

Сепак, останува фактот дека селекторот го заборави Мишевски на клупата токму во моментите кога резултатот се кршеше, а противникот „билдаше“ предност. Младиот дефанзивец се врати во самата завршница, предоцна ако се земе во предвид неговото беспрекорно издание во првите триесетина минути.

„Чесите ја забрзаа играта и моравме да внимаваме да не правиме премногу замени, бидејќи Здрахала ни создаваше сериозни проблеми. Од таа причина ги минимизирав замените, за да можеме да бидеме покомпактни“, објасни Брестовац.

Единствениот проблем сепак е, што одбраната во второто полувреме ни изгледа секако само не компактно, Чесите ја „бушеа“ како „швајцарско сирење“, а приодот со што помал број на замени дефинитивно не беше вистинско решение. Дали со Мишевски во одбрана и Стоилов во напад во клучните моменти ќе победевме, сега е во сферата „што би било кога би било“, но сигурно ќе одигравме поквалитетно од она на што бевме сведоци во „Штадхале“.

Се вчитува...