Стоилов: Не само Вардар, цела Европа е изненадена од Монпелје

Стојанче Стоилов е дел од „Шоуто во соблекувалната“ организирано од ЕХФ во пресрет на Ф4 турнирот во Келн, каде капитенот на „вардарци“ крај себе го има голманот на Монпелје, Винсен Жерар. Предводникот на Вардар има само пофални зборови за утрешниот противник.

„Мислам дека не само Вардар, туку сите се изненадени од Монпелје. Тие ги елиминираа Барселона и Фленсбург, но треба да се потнцира дека тоа не е случајно, имаат одличен тренер и извонредни играчи, така што знаеме колку ќе ни биде тешко“ – изјави Стоилов.

Тој смета дека „црвено-црните“ покажале карактер кревајќи се во формата во клучниот дел од сезоната, откако се соочија со проблеми при првите настапи во 2018 година.

„По ЕП во Хрватска го загубивме моментумот, победничкиот ритам со кој ги газевме противниците. Ни требаше време за да се вратиме во ритам, загубивме неколку натпревари, но најважно е што одговоривме на предизвикот кога беше најтешко. Двомечот со Кил беше исклучително тежок, сите мислеа дека реваншот ќе ни биде лесен, но ние знаевме што ќе не очекува во Скопје“ – вели капитенот на Вардар.

Стоилов открива и кои се советите што вообичаено ги добиваат од Раул Гонзалес во пресрет на натпреварите.

„Раул е тренер кој не кажува премногу пред натпреварот, само ќе дојде и ќе ни соопшти кој стартува и следи мало потсетување за тактиката. Се е подготвено во текот на неделата, кога ќе дојде мечот само не потсетува на приоритетите и тоа е тоа… натпреварот може да почне…“ – открива Стојанче Стоилов.

Се вчитува...