Стоилов: Освен што се домаќини, ништо друго не ме плаши…

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

 

Стојанче Стоилов е оптимист дека Македонија ќе одговори на предизвикот и ќе слави на денешниот натпревар против Австрија, за пласман во следната рунда од ЕП 2020.

Ова е натпревар да се биде или не за нас, на кој победата ни е неопходна. На овој меч ќе видиме кои сме и што сме, верувам дека можеме да одиграме квалитетно и да победиме. Мислам дека и против Чешка не одигравме воопшто лошо, но на вакви натпревари ситници ја прават разликата, а тие ситници пресудија во корист на противникот. Ова е европско првенство, мотивација никогаш не недостига“, изјави Стоилов.

Искусниот пивот истакна дека селекторот Брестовац бил во право кога не го ставил во игра во завршницата од дуелот со Чешка.

„Мислам дека селекторот не загреши. Губевме, потоа без мене на теренот се вративме. Кога се влезе во неизвесна завршница, ќе беше некоректно кон останатите ако мене ме вратеше, што во секој случај немаше да биде гаранција за победа“, истакна искусниот репрезентативец.

Тој нема превисоко мислење за денешниот противник, Австрија дефинитивно не е селекција што е непобедлива.

„Освен што се домаќини, ништо друго не ме плаши од Австријците. Знаеме дека имаат силни шутери, добри крила, наше е да ги натераме да ги промашат шутевите“, вели Стоилов.

Пивотот на Вардар очекува младите бекови да играат уште подобро како што ќе одминува времето.

„Она што е проблем е што Кузмановски и Танкоски се уште не се лидери, не може среден бек што е толку млад да биде лидер крај Лазаров, во организација на нападите. Тешко е да се наметнат, а во суштина тоа им создава притисок. Треба да се опуштат, да го играат она што го знаат, да учат и да се напредуваат. Не е тајна дека со Миркуловски и со Мојсовски функциониравме подобро, но и младите играчи ќе созреат“, истакнува Стојанче Стоилов.

Се вчитува...