Стоилов: Сакаме на нов фајналфор, чест е да се биде капитен на Вардар

Вардар е подготвен за одбрана на европската круна, а „црвено-црните“ новата сезона ќе ја стартуваат идентично како и лани, со гостување против Монпелје. Капитенот Стојанче Стоилов поради повреда ќе го пропушти стартот на сезоната, но големиот борец како е секогаш зрачи со оптимизам во пресрет на новата сезона.

„Рехабилитацијата тече побавно од очекувањата. Сигурно го пропуштам стартот и првите натпревари, се надевам дека наскоро ќе се вратам на терените. Цел на клубот е иста како и секогаш, да стигнеме до Ф4 турнирот во Келн. А таму може се да се случи“ – коментира Стоилов во интервју за официјалната веб-страница на ЛШ.

Тој го потенцира и „непишаното спортско правило“, полесно е да стигнеш до титулата отколку истата да ја одбраниш.

„Бевме во ваква ситуација пред две сезони, како бранители на трофејот што сите го сакаат. Знааеме дека оваа година ќе ни биде потешка од претходната, но за среќа, притисокот е нешто што му годи на Вардар, нешто што придонесува да остваруваме уште подобри резултати. Една работа е јасна, треба да се однесуваме како шампиони на секој натпревар, а тоа не е нималку лесно“ – вели македонскиот репрезентативец.

За Стоилов ова ќе биде осма сезона во црвено-црниот дрес, а капитенот не ја крие гордоста што е дел од најтрофејниот македонски ракометен колектив.

„Вардар е специјален клуб не само за скопјани, туку за целата земја. Овој клуб има голема навивачка база, туку се најдобрите фанови, Комити, јас сум еден од нив. Мојот татко е вљубен во Вардар и ми ја има пренесено оваа љубов пред многу години. Се сеќавам, кога бев многу млад одев на стадион за да гледам фудбалски средби на Вардар. Денеска сум капитен и лентата ја носам со чест и гордост, среќен што во тешките времиња за мојата земја донесовме голема радост“ – коментира Стојанче Стоилов.

Се вчитува...