Стоилов: Што ако сме дебитанти, во 60 минути можеме да победиме секого

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Стојанче Стоилов е горд на остварениот резултат со самиот пласман на фајналфор турнирот во Келн, но капитенот на Вардар исто така е и мотивиран да се направи уште еден чекор напред и „црвено-црните“ уште посериозно да се вмешаат во трката за тронот на Европа.

Дојдовме во Келн, тоа е она за што сонувавме во изминатиот период и што сега ни се оствари. Сепак, не застануваме, знаеме што сакаме, да направиме уште еден чекор напред и да играме во финалето. Свесни сме за предизвикот, знаеме дека нема да биде нималку лесно, но оваа сезона покажавме и квалитет и карактер за сега со оптимизам да влеземе во полуфиналето“ – изјави Стоилов.

A патот до големото финале нема да биде нималку лесен ако се знае дека пред „вардарци“ ќе застане најтрофејниот европски клуб Барселона.

„Знаеме какво е реномето на Барселона, но фактот дека ние сме дебитанти не мора да значи ништо. Ова е еден натпревар, се играат 60 минути во кои Вардар може да победиме секого. Поседуваме квалитет, но мора да одиграме на посакуваното ниво, како колектив, не само поединечно. Ова е собир на најдобрите тимови во Европа, ние заслужено сме во Келн, но амбициите по пристигањето овде се уште поголеми. Женскиот тим пред околу еден месец за малку не стигна до врвот на Европа, се надевам дека ние ќе имаме малку повеќе среќа и ќе се радуваме на крајот“ – истакнува капитенот на Вардар.

Се вчитува...