Стоилов: Си должиме Ф4 и на себе и на навивачите

Ракометарите на Вардар се подготвени за предизвикот што го носи саботното гостување во Германија против Фленсбург, во првиот четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ во последните три сезони беа елиминирани токму во ова фаза од натпреварувањето, но капитенот Стојанче Стоилов верува дека сега тимот е доволно зрел за да го направи тој последен чекор и да стигне до Ф4 турнирот во Келн.

Четврта година по ред сме во идентична позиција, претходните три сезони не успеавме да се пласираме на фајналфор, искрено верувам дека овојпат ќе успееме во тоа. Оваа година бевме први во групната фаза, повторно го освоивме и пехарот во СЕХА, што е уште еден доказ дека тимот е позрел и уште поподготвен за големи дострели. Си должиме пласман на еден фајналфор на турнир на себе и на навивачите. Пред нас е тежок натпревар во Германија, но се надевам на позитивен резултат на гостувањето, а потоа во полна сала во Скопје да ја израдуваме нашата публика“ – изјави Стоилов.

Првиот натпревар од двомечот меѓу Фленсбург и Вардар се игра во Германија в сабота со почеток во 17.30 часот. Реваншот во Скопје ќе се игра наредниот четврток (27 април) со почеток во 19 часот.

Се вчитува...