Стоилов: Вардар на нов фајналфор, тоа не е невозможно!

Вардар имаше серија катастрофални резултати кон крајот на ланската година во Лигата на шампионите, но Стојанче Стоилов е оптимист дека „црвено-црните“ повторно можат да ги пребродат сите проблеми и да стигнат до билет за Келн.

„Знаеме колку е тешко да се одбрани титулата, колку ни беше тешко да се пласираме повторно во Келн по онаа прва европска круна. Овојпат ќе биде уште потешко бидејќи квалитетот на играчите не е оној истиот, повторно имаме и сериозни проблеми со повреди. Ќе биде тешко, но не е невозможно Вардар да се најде на нов фајналфор. Имаме победнички менталитет и верувам дека имаме шанса пак да играме во Келн“, оптимистички е расположен македонскиот репрезентативец во таборот на Вардар.

Тој направи и мала споредба меѓу двете европски титули освоени во дресот на „вардарци“.

„Втората титула беше многу помила, многу потешка од првата. Имавме многу, многу проблеми, финансиски и со повреди, но на крајот сепак победивме. Момците беа тивки, како да не веруваа што се случи, дека станавме европски шампиони. Прославата пак на крајот беше фантастична, немам зборови“, истакна Стоилов.

Се вчитува...