Тренерот на Академија Пандев, Панче Стојанов, е задоволен со ремито (1-1) на гостувањето кај Шкупи. Неговиот состав денеска за првпат го почувствува провлигашкиот фудбал, а Стојанов истакнува дека овој резултат ќе го мотивира тимот за што побрзо да се адаптира во првенството. Сепак, не може да не потенцира дека Академија Пандев беше на прагот на триунф на Чаир, и освојување на три бода.
„За нас ова беше прв натпревар во Првата македонска лига. Задоволен сум со ремито, но сметам дека за нијанса повеќе ја заслуживме победата од противникот. Сепак, не издржавме во последните минути. Ќе продолжиме напорно да работиме и да се адаптираме во првенството. Од натпревар во натпревар ќе собираме искуство, ќе ја креваме нашата форма, ќе учиме од нашите грешки, за да собереме што повеќе бодови. Сега треба добро да се подготвиме за средбата во Купот, а потоа следува мечот на домашен терен против Скопје. Им честитам на фер и коректната игра на Шкупи, како и на навивачите кои направија добра атмосфера“, истакна Панче Стојанов по натпреварот.
Тренерот на Шкупи, Адријан Нухији, смета дека нерешениот резултат е реален според прикажаната игра на двете екипи. Се играше отворен фудбал, со шанси и пред двата гола, а по еднаш се тресеа и двете мрежи. Нухији истакнува дека секој почеток на сезоната е тежок, но неговиот тим напорно работи за да влезе во својот ритам.
„Мое мислење е дека и двете екипи одиграа одличен натпревар. Се играше отворен, напаѓачки фудбал, со многу шанси и на двете страни. Гостите искористија една, исто и ние, па сметам дека резултатот е реален. Задоволен сум што моите избраници покажаа карактер во вториот дел, особено откако го примивме голот. Успеавме да се вратиме резултатски, и да избегнеме пораз во првото коло. Во следното коло не’ очекува исклучително тежок дуел против Шкендија, што значи дека треба дополнително да се подготвуваме. Неспорно е дека Шкендија има квалитетен тим, но со добра игра, според наш план, мислам дека можеме да извлечеме позитивен резултат“, изјави Нухији по денешниот меч со Академија Пандев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА