Дамир Стојановиќ денеска ја одржа првата прозивка како тренер на Металург. Српскиот стратег е максимално мотивиран да одговори на предизвикот – да го врати Металург онаму каде што припаѓа.
„Лесна беше одлуката да дојдам овде, бидејќи знам колку се цени ракометот во Македонија, а и каква историја има Металург. Целта е јасна, да се вратиме онаму каде што Металург припаѓа, а тоа ќе го сториме само со напорна работа“ – истакнува Стојановиќ.
Металург лани стигна до трофејот во Купот на Македонија, но затоа ја загуби битката со Работник за второто место кое значи и учество во СЕХА-лигата.
„Кога можеше Работник лани да изненади, зошто ние да не го сториме тоа. Во спортот се можни изненадувања, Металург минатата сезона го совлада Вардар, јас верувам дека може да се поклопат коцките за и во новата сезона да оствариме слични резултат“ –изјави стратегот на Металург.
Тимот е значително променет, а според Стојановиќ се уште постои една „дупка“ во тимот.
„Никогаш не можете да ги добиете сите играчи што ги посакувате, но генерално гледано задоволен сум од тимот што го имам на располагање во моментов. Реално гледано ни недостига само лев бек, ќе гледаме да најдеме некој поискусен играч, но нема да инсистираме на такво нешто доколку не се најде интересен ракометар на пазарот“ – порача Стојановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА