Стокласа: Македонија е фаворит, но и ние се надеваме на позитивен резултат

Селектор на Лихтенштајн, Мартин Стокласа е свесен дека неговата селекција ја очекува тежок натпревар утре против Македонија во 7. коло од квалификациите за СП 2022.

Стокласа, сепак, верува дека ќе има максимална борба од нивна страна во желбата да се дојде и до бодови…

„Ќе биде многу тешко да ја победиме Македонија бидејќи таа селекција покажа дека може да биде многу конкурентна и против многу посилни репрезентации. Треба да се бориме силно од првата минута, исто како и против Романија во Букурешт. Од првата минута, од голманот до напаѓачот сите треба да бидат на максимално ниво во текот на целиот натпревар“ – истакна Стокласа на денешната прес-конференција во Вадуц, притоа дополнувајќи:

„Нашите фудбалери се во добра форма, а имаме и неколкумина млади фудбалери кои можеби ќе добијат шанса. Ја анализиравме нивната игра на претходните три натпревари. Македонија има одлични фудбалери, Алиоски, Елмас…фаворити се, но наше е да изиграме и да се надеваме на нов позитивен резултат“.

Еднакво е размисливањето и на капитенот на Лихтенштајн, Николас Хаслер.

„Македонските фудбалери технички се одлични, посебно на мал простор. Ние ќе се обидеме да се спротивставиме. Знаеме како поминавме на последниот наш дуел и ќе се трудиме да го избегнеме тоа“ – истакна Хаслер.

Се вчитува...