Столе Димитриевски дел од „најдолгиот натпревар“ во историјата на фудбалот

Денеска ќе биде завршен најдолгиот натпревар во историјата на фудбалот. Рајо Валјекано на нашиот Столе Димитриевски вечерва против Албасете ќе го доигра натпреварот од 20. коло во Секунда. Мечот почна на 15. декември минатата година, а ќе продолжи по пауза од пет месеци и 26 дена. Тој беше прекинат бидејќи навивачите на Рајо Валјекано му довикуваа на Украинецот Роман Зозулја дека е нацист.

Организациското тело на Секунда тогаш соопшти дека се сложува со одлуката на судијата Хозе Антонио Лопез мечот да биде прекинат, одлука која е донесена на барање на двата клуба поради „тешките навреди и закани“ упатени кон Зозулја. Причината за дофрлувањата на навивачите на Рајо беше тоа што Украинецот на социјалните мрежи често објавувал контроверзни фотографии и пораки.

По речиси шест месеци обвинувања мечот сепак ќе се одигра, но поради пандемијата од коронавирусот без присуство на навивачи. Натпреварот ќе продолжи од второто полувреме, а Албасете ќе има играч помалку бидејќи Еди Силвестре доби црвен картон.

Се вчитува...