Столе Димитриевски, Хасани и Костадинов се враќаат во А-тимот за дуелот со Косово

Фудбалската репрезентација на Македонија е пред најголемиот предизвик, толку очекуваниот плејоф-дуел против Косово за пласман на Европското првенство преку Лигата на нации. Се одложи, се оддолжи, но 8.октомври е датумот кој сите фудбалски вљубеници во Македонија, а пред се фудбалерите и стручниот штаб на „црвено-жолтите“ со нетрпение го очекуваат. На арената „Тодор Проески“ ќе гостува селекцијата на Косово, а победникот патува во финалето од плејофот, на само еден чекор од историски пласман на ЕП.

Нема да има промени во националниот тим. Сите кои беа на повик за првата репрезентативна акција од новото издание во Лигата на нации, треба да добијат повик и за дуелот со Косово. Но, ќе има повратници во проширениот список на селекторот Игор Ангеловски.

Голманот Столе Димитриевски ја надмина корона-состојбата и ќе се врати во репрезентацијата, а повратници на списокот треба да бидат и фудбалерите од средниот ред, Ферхан Хасани и Тихомир Костадинов. Најверојатно повторно и Мартин Богатинов, кој доби дополнителен повик претходниот пат, ќе се најде меѓу избраниците на Ангеловски.

Националниот тим ќе се собере в недела, во попладневните часови, ќе треба да се комплетира в понеделник и три дена да работи во комплетен состав пред плејоф-дуелот со Косово во Лигата на нации.

Се вчитува...