Столе Димитриевски од изолација: Тешко е без најблиските, но мора да издржиме!

Шпанскиот фудбал е во прекин, впрочем како и во цела Европа, поради ширењето на коронавирусот, а македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски е во изолација во Мадрид. Вели дека му недостигаат најблиските и Македонија во овие моменти, но сите заедно мора да издржиме во битката против Covid-19.

„Тешко е, осамен и изолиран, но вежбам многу, се трудам да останам во форма, читам книги, гледам филмови и серии, зборувам со семејството и со пријателите. Сакам книги со спортска тематика, сега ја читам биографијата на Златан Ибрахимовиќ. Ми недостигаат и најблиските и би сакал да заминам во Македонија, но сите заедно ова мора да го издржиме. И секако, секој ден во 20 часот излегувам на прозорецот за аплауз кој им е наменет на оние кои сепак на свои плеќи ја носат оваа битка, докторите, медицинските сестри, сите здравствени работници“, вели за „Марка“, Столе Димитриевски.

Репрезентативниот голман размислува и за плејоф дуелот против Косово што требаше да се одигра на 26.март, а одложен е за 4.јуни.

„Требаше да го играме мечот против Косово кој е неверојатно значаен за македонскиот фудбал, но се е одложено и поместено поради моментната состојба. Сега никој не може да размислува многу на фудбалот, но секако дека сите очекуваме ситуацијата да се подобри, да ја добиеме битката со вирусот и повторно да им се вратиме на нормалните животи“, истакнува голманот на Рајо Велјекано.

Се вчитува...