Столе и Рајо испуштија победа во Гранада

Рајо Валјекано ремизираше 2-2 на гостувањето против Гранада, исход од кој тимот на Столе Димитриевски не може да биде задоволен ако се знае дека во голем дел од мечот гостите имаа предност и од два гола.

Имено, Рајо фуриозно ја отвори средбата, најпрвин Катења реализираше за 0-1 во седмата минута, а девет минути подоцна Гвардиола го постигна и вториот погодок за гостинскиот состав. Рајо Валјекано делуваше во целосна контрола, но ситуацијата се промени по црвениот картон што во 51. минута го заработи Комесана.

Домаќините тргнаа во фуриозни напади, намалувајќи на 1-2 преку Молина, кој од непосредна близина биеше силно и со помош на гредата го совлада Димитриевски. Рајо одржуваше минимална предност се до судиското продолжение, кога судијата покажа на белата точка за Гранада, а Мила го постигна израмнувачкиот погодок.

Рајо Валјекано по ова реми се најде на 13. место на табелата со вкупно 33 бода, четири повеќе од Гранада која се наоѓа на 16. позиција во Ла Лига.

Се вчитува...