Рајо Валјекано денеска го игра својот последен меч сезонава, на домашен терен со Атлетик Билбао, а Столе Димитриевски токму денеска и официјално објави дека си заминува од овој клуб каде што ги мина последните шест сезони.
Долго траеја преговорите за продолжување на соработката, за на крајот Столе да реши да ја одбие понудата на Рајо и од летово да се пресели во редовите на Валенсија.
„Донесов одлука да не потпишам нов договор со Рајо Валјекано. Сите оние убави моменти секогаш ќе ги носам со мене, исто така и оние кои не беа толку убави, јас засекогаш ќе останам благодарен на луѓето во Рајо, на претседателот, тренерите, соиграчите, кои беа секогаш тука за мене. Имав понуда да останам, но таков е фудбалот, се затвора една епоха за да почне друга. Ова не е збогум, ова е само довидување. Дојдов овде како млад човек, си заминувам како изградена личност, од овој клуб научив токму многу работи, вредности во животот кој ќе ги ценам додека сум жив. Засекогаш ќе го носам Рајо во срцето“, порача Столе Димитриевски, кој беше член на Рајо Валјекано од 2018 година, кога пристигна од редовите на Рајо Валјекано.
Тој настапи на 191 натпревар за овој клуб, уривајќи низа рекорди пред да реши да си замине кон нов предизвик во кариерата.
„Не стануваше збор за проблем со парите. Финансиите немаа никаква улога во преговорите, Столе едноставно сакаше нов клуб, нов предизвик. Без разлика колку ние сакавме да продолжиме, увидовме дека не можеме ништо да сториме за да го премислиме“, прокоментира претседателот на Рајо, Раул Мартин Преса.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА