„Страшната“ Блокотехна го понижи Работнички

Блокотехна израмни на 1-1 во полуфиналната серија со Работнички, правејќи го тоа во голем стил со победа од преубедливи 85-58 над актуелниот шампион. Марјан Илиевски целосно ја доби тактичката битка со Марин Докузовски, неговите избраници доминираа од првата до последната минута на теренот, па убедливиот триумф беше апсолутно заслужен. Со оваа победа тимот од Гевгелија најави жестока борба за место во финалето, во пресрет на третиот натпревар што ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ в петок.

Кошаркарите на Блокотехна уште од самиот почеток покажаа дека се многу помотивирани да стигнат до победата од гостите во Скопје. За пет минути тие изнудија пет загубени топки од шампионот, па при водство од 14-5 го натераа Марин Докузовски експресно да го побара и првиот тајмаут. „Црвено-белите“ направија мини-серија од 4-0 по тајмаутот, но Фундербург и Николиќ возвратија за прво двоцифрено водство на Блоктоехна на натпреварот (19-9). Работнички во многу наврати се враќал од слични ситуации низ сезоната, но овојпат Докузовски и неговите избраници немаа одговор за одличната игра на домашниот состав.

Првата четвртина заврши со водство на домаќините од 24-12, а избраниците на Марјан Илиевски продолжија да доминираат и во вториот период. Фундербург кон средината на втората четвртина ја заработи третата лична грешка и мораше да биде заменет, но и без помошта на одличниот Американец тимот од Гевгелија продолжи да доминира, на одмор заминувајќи со огромни 22 поени разлика.

Работнички ја стартуваше третата четвтина со две тројки, „црвено-белите“ не реализираа уште два напади за дополнително да ја намалат негативата. Потоа Блокотехна се врати во посакуваниот ритам, па и покрај новите две тројки на Мираковски разликата се движеше околу 20 поени. Работнички во 27. минута намали на 59-43, по што Илиевски побара тајмаут. При 59-45 гостите не реализираа два напади, а при истиот резултат Младеновиќ не пооди две слободни фрлања за Блокотехна. Постот на Блокотехна од три минути без постигнати поени го прекина Глигоријевиќ, за младиот Михајловски да погоди тројка пред крајот на четвртината, па во последните десет минути да се влезе со резултат 64-47.

Четвртата четвртина донесе уште поголема доминација на домашните кошаркари, кои во 35. минута поведоа и со 30 поени разлика (80-50). Гостите во немоќ правеа лични грешки, а убедливата позитива му овозможи на Марјан Илиевски во последните минути да ги одмори своите најдобри играчи пред наредните дуели од оваа полуфинална серија.

Фундербург со 19 и Мијатовиќ со 17 поени беа најефикасни во таборот на Блокотехна. Од првата петорка на победничкиот тим двоцифрен број на поени немаше само Младеновиќ (четири), но одличниот плејмејкер затоа имаше дури десет асистенции зад своето име. Во таборот на Работнички најефикасен беше Мираковски со 11 поени, а за разлика од првиот меч овојпат целосно неутализирани беа центрите, Чековски постигна седум, а Крстевски ниту еден поен.

Се вчитува...