Страшно сведоштво на сопругата на Табак за битката со Ковид-19: „Ме оживуваа, ги молев докторите да умрам, ужас…“

Откако пред два дена порашениот хрватски кошаркар Жан Табак откри дека неговата сопруга водела повеќе од 30 дена тешка битка со коронавирусот, се огласи и Гордана Табак со страшно сведоштво што се доживеала во борбата со Ковид-19.

„Драмата почна на 11. март кога добив температура. Најпрво два-три дена околу 37,5 степени, а потоа одеднаш имав од 39 до 41 степен. Најпрво ми рекоа да не доаѓам во болница, но на 18. март Жан ме одведе на Брза помош. Добив антибиотици и повторно ме пуштија дома, за да на 20. март почне кошмарот. Не можев воопшто да дишам, како воопшто воздух да не влегуваше во белите дробови, па на 22. март итно бев префрлена во приватна клиника во Мадрид каде одлучија да ме интубираат“ – опишува 49-годишната Гордана во разговорот за „Слободна Далмација“.

Следеле мачни денови за неа, за семејството и за пријателите…

„Белите дробови воопшто не можеа да се видат на РТГ снимки поради коронавирусот, па лекарите не можеле да забележат дека имам и крвно згрутчување од шест сантиметри. Тие денови не бев во свесна состојба, ама на Жан и на пријателите некако без да знам и сама сум им пратила СМС порака: „Не верувам дека од ова ќе се извлечам жива“. Дури откако излегов од болница ми ја покажаа таа порака, а јас не знам и дека сум ја напишала, бидејќи 16 дена бев во еден вид индуцирана кома“ – раскажува Гордана и продолжува:

„На 28. март докторите му се јавиле на Жан кажувајќи му дека се сомневаат дека ќе успеам да се извлечам, затоа што мојата состојба е исклучително тешка. Сопругот минувал низ тешки моменти, а јас во болницата каде никој не смееше да ме види се борев за животот. Бев во некоја полусвесна состојба. Се сеќавам дека ги молев докторите да умрам, да ме исклучат од апарати затоа што не можев повеќе. Се сеќавам и на еден момент кога околу 10 медицински лица беа над мене и како ме реанимираат. Слушав дофрлања: „Ја губиме…, Не, не ќе се избори… Таа е лавица“. Кога повеќе не знаеја што со мене, ме отворија кај вратот и со микрокамера ги снимаа белите дробови. Така го најдоа тоа крвно згрутчување кое не можеа да го видат со РТГ снимки, па веднаш ме оперираа и го извадија тоа“.

Гордана Табак се уште не знае каде се заразила, но знае дека тоа и донело многу тешка битка за живот…

„Кога ме разбудија бев потполно неподвижна. Можев да ги мрдам само очите и два прста од десната рака. Не можев да зборувам, телото ми беше комплетно мртво. И тогаш посакав да ме исклучат од апаратите и да умрам, затоа што не сакав да прифатам можност цел живот да останам во таква вегетативна состојба. Бидејќи бев во еден вид кома некако ми се заврти во главата дека и Жан е мртов и само се прашував кој ќе ги чува децата. Десет дена по будењето ми беше страв да заспијам, случајно да не престанам да дишам. Десет дена постојано од грлото ми вадеа крвни згрутчувања, а тоа е така болно, посебно кога тоа го прави ортопед затоа што немаа доволно специјализирани доктори поради огромниот број пациенти“ – вели Гордана која за тие 30 дена во болница ослабнала 23 килограми, но сега е добро и порачува:

„Сакам да им порачам на сите оние теоретичари на заговари и неверници, никој никогаш да не каже дека коронавирусот е само малку посилна настинка. Многу луѓе меѓу 30 и 40 години починаа. Гледав како околу мене умираат. Јас, за среќа, ја излажав смртта“.

Се вчитува...