Стриниќ потпиша на три години со Милан

Милан осигура уште еден трансфер без никаква отштета откако постигна договор за тригодишна соработка со Иван Стриниќ. Информацијата официјално ја потврди самиот фудбалер, кој откри дека сите детали се веќе договорени и тој по заминувањето од Сампдорија дефинитивно кариерата ќе ја продолжи на „Сан Сиро“.

„Сезоната е завршена и бидејќи веќе не сум играч на Сампдорија можам да кажам дека потпишав тригодишен договор со Милан, мислам дека клубот ќе го објави трансферот по Светското првенство. Договорот ми истекуваше и не потпишував нов, а Сампдорија реши да ме изолира, па затоа настапив на само три натпревари во вториот дел од сезоната. Челниците на Милан ме сакаа, не им беше важно колку ќе играм во овие последни месеци бидејќи веруваат во моите квалитети“ – изјави Стриниќ.

Претходно, Милан го договори доаѓањето како слободен играч и на Пепе Реина, кој ќе застане на голот на „росонерите“ откако последните неколку сезони ги мина како прв чувар на мрежата на Наполи.

Се вчитува...