Кошаркарската репрезентација на Македонија утрово го одработе последниот тренинг во Скопје пред утрешното тргнување на пат за Талин, каде „црвено-жолтите“ в петок и в недела ќе ги очекуваат пресметки со Италија и со Естонија во квалификациите за Евробаскет 2021. Селекторот Тодоров во пресрет на подготовките се соочи со проблеми поради откажувањата на Ѓуроски, Крстевски, Маслинко и Николовски, по што според последните информации сега Тодоров се соочува со проблеми околу својот стручен штаб.
Никола Василев дефинитивно нема да му помогне на селекторот на турнирот во Талин, откако младиот стручњак кој работи во Литванија имал позитивен случај на коронавирус во својот клуб. Согласно протоколите во оваа земја, сите членови на клубот заминуваат во 14-дневен карантин и не постои никаква шанса Василев да им помогне на „црвено-жолтите“ за време на турнирот во Талин. Згора на тоа, и Ѓорѓи Кочов од вчера имал влошена здравствена состојба. Тренерот на МЗТ Скопје денеска бил тестиран за Covid-19 заедно со остатокот од репрезентацијата, но мали се шансите и тој да патува за Талин.
Во една ваква ситуација, голема е веројатноста дека Тодоров во стручниот штаб крај себе ќе има само еден од тројцата асистенти, тренерот на Еуро Никел, Горан Самарџиев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА