Струга е подготвена за јубилеј и врвен ракомет

Се е подготвено за јубилејното 50. издание од традиционалниот Струшки ракометен турнир, што ќе се одржи од 16 до 20 август на добро познатото место – на отворениот терен крај женската плата во Струга.

Годинава на турнирот ќе учествуваат осум екипи поделени во две групи, во првата силите ќе ги одмерат домаќинот Струга, македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер, како и екипите на АЕК од Грција и Татран Прешов од Словачка. Вардар ќе биде носител на групата Б во која ќе се најдат уште и скопските суперлигаши Алкалоид и Бутел, како и словенечкиот ракометен гигант Пивоварна Целје.

„Многумина од нас првите ракометни чекори ги направиле во Струга, а овој турнир е од посебно значење за сите. Чест и задоволство е да се биде дел од турнирот, еден од најстарите. Се надевам дека следната година ќе биде под покровителство на претседателот на државата“, изјави долгогодишниот ракометен репрезентативец, сега директор на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски.

Во првото коло закажано за 16 август премиерниот меч ќе го играат Струга и Еурофарм Пелистер во 17 часот, за два часа подоцна е закажан стартот на дуелот меѓу Вардар и Алкалоид, а по свеченото отворање предвидено за 20.40 часот, третиот меч на програмата ќе биде оној меѓу Бутел и Целје со почеток во 21.30 часот.

„Ретко кој може да се пофали со традиција што трае 50 години. Ние, струшките ракометни работници и љубители на ракометот успеавме да го одржиме во најтешките години. Сега одбележувам 50 години и мислам дека ова ќе биде еден од најсилните турнири“, изјави Кире Јованоски, претседател на РК Струга, домаќинот на турнирот.

Се вчитува...