Струга немаше сили за изненадување, Пролет ги освои бодовите

Ракометарите на Пролет во шестото суперлигашко коло ја забележаа и петтата победа, славејќи на гостувањето против Струга со резултат 21-24. Стружани се покажаа како незгоден ривал, добро парираа до самиот крај, но квалитетот и искуството на составот на Андон Бошковски придонесе Пролет да прокнижи нови бодови пред дуелот со шампионот Вардар закажан за наредното коло.

Пролет подобро го отвори мечот, поведе со 1-2, потоа и со 2-4, но стружани набрзина ги консолидираа своите редови. По негативата од 4-5 домашните ракометари постигнаа три гола во низа, по што следеше „будење“ на гостите од Скопје. Пејовиќ биеше прецизно, два гола постигна и Голубовиќ, по што Пролет повторно поведе. Избраниците на Андон Бошковски има најубедливи 9-13 пред крајот на полувремето, за со голот од пенал на Пецаковски на одмор да заминат со водство од 11-14.

Домашните ракометари беа решени да не се предадат, па во второто полувреме се приближија на само еден гол разлика (16-17). Петковски имаше значајна одбрана за гостите од Скопје спречувајќи израмнување, по што на спротивната страна Аларов биеше прецизно. Се продолжи со израмнета игра на двете страни, а десното крило Димов постигна два значајни гола со лоб-удари, носејќи водство од 20-22 за гостите пред тренерот на Струга да побара нов тајмаут. Стружани намалија на 21-22, но Аларов одговори со нов гол, по што Петковски со успешна интервенција стави печат на победата, што на крајот изнесуваше конечни 21-24.

Пецаковски со шест и Аларов со пет гола беа најефикасни во победничкиот тим, додека кај Струга прв стрелец на денешниот меч беше Барјактаровиќ со пет постигнати погодоци.

Се вчитува...