Струшкиот турнир стартуваше: Победничко деби на Кузманоски со Прилеп

Горан Кузманоски имаше победничко тренерско деби, откако поранешниот репрезентативец со тимот на Прилеп славеше над Струга со резултат 32-28, во премиерниот натпревар од Струшкиот турнир.

Прилепчани доминираа во голем дел од натпреварот, го контролираа резултатот од самиот почеток, кога благодарение на добрата одбрана и ефикасниот Чантурија поведоа со 2-6. Стружани одиграа добар период стигнувајќи до 6-6, но тоа беше се што домашниот тим успеа да стори на овој натпревар. Прилеп набрзина поведе со 8-11 и ја одржуваше предноста од три гола до крајот на полувремето.

Избраниците на Кузманоски продолжија во ист ритам и во вториот дел, па веќе на половина од полувремето стигнаа и до шест гола предност (20-26). Прилепчани не дозволија триумфот да им биде загрозен, чувајќи ја позитивата до самиот крај и конечната победа од 32-28. Чантурија и Амзоски со по шест гола беа најефикасни во победничкиот тим, пет постигна Грузиецот Гавашелишвили, додека најдобри стрелци во таборот на Струга беа Симноски со осум и Николиќ и Костоски со по пет погодоци.

Се вчитува...