СЦ „Борис Трајковски“ демантира и се бламира: Ѓубрето било од стручниот штаб, а салата била чиста…

Неверојатно, но вистинито… неколку часа по објавата на ЕКИПА и на уште неколку спортски медиуми за хаотичната состојба во која се наоѓа салата „Борис Трајковски“ во која тренира ракометната репрезентација, раководството на овој спортски центар се јави со реакција.

Демантот од СЦ „Борис Трајковски“ го пренесуваме во целост:

Почитувани,

Би сакале да ги демантираме наводите на дел од порталите кои излегоа со невистинити информации во врска со состојбата во која се наоѓа арената во која Македонската Ракометна Репрезентација утринава одржа тренинг. По саботниот концерт, теренот во арената беше целосно исчистен, што може да се види од фотографиите подолу, додека пак, реквизитите кои беа фотографирани и објавени на дел од порталите се гледа дека се користени од членовите на стручниот штаб.

Дополнително, РФМ изрази најдлабока благодарност за брзината со која ние како Спортски Центар ја адаптиравме салата за нивниот тренажен процес. После било кој одржан концерт, не паметат кога побргу им било овозможено да продолжат со нивните активности во нашиот објект, додадоа тие. Се гледаме на 17ти во 19:00 во сала, да ги бодриме нашите репрезентативци, искрено и од срце. За нови победи и нови успеси.

 

Да не е смешен, овој демант би бил трагичен… Затоа што ЕКИПА беше еден од неколкуте медиуми кои на лице место присуствуваа на утринскиот терен и нашиот новинар можеше со свои очи да се увери во трагичните услови во кои беше одржан тренингот, наспроти уверувањата во спротивното.

Да не заборавиме, на теренот можеше да се забележат женски чорапи, остатоци од пластични чаши, измет од птици, десетици отпушоци од цигари… Да го „залепиш“ сето тоа како реквизити кои се користени од стручниот штаб и од ракометарите, е во најмала рака несериозно. Кој ракометар донел камен зад клупата, или пак оставил женски чорапи на теренот… дали е ова сала за тренинг или „пушална“… Да не заборавиме, РФМ како организација и ракометната репрезентација како најуспешна национална селекција во последните десетина години поставија стандарди на функционирање кои останатите ги следат, а ваква реакција од луѓето во спортскиот центар и обидот за префрлање на одговорноста е само доказ за нивната неспособност.

Фино е што луѓето од „Борис Трајковски“ по објавите на порталите решиле да ја зачистат салата и да направат некоја фотографија за да си го „обелат образот“, но таа требаше да биде чиста уште пред вчерашниот тренинг, а не дури денеска (и тоа откако почна тренингот), откако (не)работата на одговорните луѓе беше обелоденета на јавноста преку медиумите.

Ставот на ЕКИПА и покрај овој смешен демант останува идентичен како и при утринската објава – РАКОМЕТАРИТЕ НЕ ГО ЗАСЛУЖУВААТ ОВА… Како услови за тренинг, а уште помалку сега токму тие да бидат обвинети дека она што било забележано од порталите, било оставено од членовите на стручниот штаб и на репрезентацијата.

Се вчитува...