Студентски Центар оди во АБА1, Спарс ќе игра бараж со Сплит

Црна Гора од следната сезона ќе има три претставници во елитното друштво на АБА откако Студентски Центар излезе како победник од двомечот во финалето против Спарс. Денешниот втор дуел заврши со минимален триумф на Спарс од 71-72, но Црногорците се закитија со трофејот во АБА2 благодарение на убедливата победа од 99-89 на првиот финален натпревар.

Квалитетниот состав на Студентски Центар знаеше како да ја сочува оваа предност на денешниот реванш. Во првата четвртина црногорскиот клуб поведе со 21-13, но противникот од БиХ успеа да се врати. Спарс во последната четвртина дојде и до водство, на три минути до крајот водеше со 65-70, но немаше сили за да стигне до „плус десет“ и на крајот мораше да се задоволи само со второто место, кое значи бараж дуели со Сплит за последниот билет за АБА1 за сезоната 2021/2022.

Меги со 16 и Ален и Тејиќ со по 13 поени беа најефикасни во таборот на Студентски Центар, додека најефикасен кај Спарс беше Гегиќ со 19 постигнати поени.

Се вчитува...