Следниот противник на МЗТ Скопје во АБА лигата, Студентски Центар одигра 30. минутен егал натпревар во Белград против фаворизираниот Партизан, но на крајот претрпе пораз од 91-82 благодарение на одличната игра на „црно-белите“ во одлучувачката четвртина.
„Студентите“ му парираа на еволигашиот во текот на првите три четвртини, во еден момент од мечот беа и подобриот противник и со 64-64 влегоа во одлучувачката четвртина, но во неа пресуди одбраната на избраниците на Жељко Обрадовиќ. Гостите губеа топки, домаќините знаеја поклоните да ги искористат па откако стигнаа до двоцифрена предност ги решија дилемите за победник.
Лесор беше предводник на Партизан со 19 поени и 4 скока, Ледеј додаде 15 поени и 3 скока, а како двоцифрени со 13, 12 и 11 поени мечот го завршија Ексум, Папапетру и Вукчевиќ. 19 поени и 5 асистенции за Студентски Центар постигна Џексон, 16 поени додаде Дрежњак, а Меги и Тасиќ броеја до 10.
Натпреварот против Студентски Центар кој е закажан за 22.10 за МЗТ Скопје ќе биде еден од најважните за амбциите за опстанување во регионалното првенство. По поразите од фаворизираните Црвена Звезда, Партизан и Будуќност, воедно овој дуел треба да ни даде назнаки за можностите на аеродромци на „Јадранот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА