Суарез е во криза – Барса бара нова „деветка“

Барселона требаше да одигра само еден нерешен натпревар за веднаш да се почне со барањето на виновник и да се потенцира неопходноста од ангажман на нови фудбалери за каталонскиот гигант повторно да биде страв и трепет за противниците. Во случајов – вината е посочена кон Луис Суарез, истакнувајќи дека уругвајскиот ас е далеку од формата од претходните две-три сезони, а само благодарение на добрите игри на Дембеле голгетерската криза на Барса не е уште повеќе изразена.

Суарез сезонава постигна три гола, од кои два во гол-шоуто со Хуеска од 8-2 и еден на гостувањето со Реал Сосиедад, но каталонските медиуми посочуваат дека Уругваецот многу тешко влегува во шанси, а потоа уште потешко ги претвора во погодоци.

Главен адут на уругвајскиот ас засега останува пријателството со Меси, но доколку Суарез наскоро не влезе во топ-форма ниту тоа нема да може да го спаси, а каталонците уште повеќе ќе ја интензивираат потрагата по нов голгетер. Планот беше добар, Гризман требаше да биде долгорочен наследник на „Ел Пистолеро“, но Французинот во последен момент се премисли и реши да остане во Атлетико Мадрид. Двете најголеми желби на Барса, Хари Кејн и Роберто Фирмино, летово потпишаа нови договори со Тотенхем и со Ливерпул, па сега како можни опции се споменуваат Роберт Левандовски (кого Баерн многу тешко ќе го пушти да си замине), потоа Тимо Вернер од Лајпциг и како последна варијанта, Алваро Мората од Челси.

Се вчитува...