Суарез заминува од Атлетико, Симеоне замената ја пронајде во Интер

Деновите на Луис Суарез во Атлетико Мадрид „се избројани“ и управата на клубот започна потрага по негова замена која се чини дека ја најде во Милано, и тоа во напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез.

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне во финишот од сезоната го пресели Суарез на клупата по што зачестија шпекулациите дека Уругваецот на лето нема да потпише нов договор со тимот од „Ванда Метрополитано“ туку дека би можел да се врати во Премиер лигата и да соработува со поранешниот соиграч од Ливерпул, Стивен Џерард. Џерард моментно е менаџер на Астон Вила и го кани Суарез да дојде во Бирмингем.

Негова замена во Атлетико Мадрид треба да биде напаѓачот на Интер, Лаутаро Мартинез. Аргентинскиот репрезентативец сезонава е еден од најдобрите играчи на италијанскиот шампион со 15 постигнати голови на 29 натпревари во Серија А.

Мартинез има договор со Интер до 2026 година, но во последно време зачестија шпекулациите дека тој е подготвен да си замине од „Џузепе Меаца“ и Интер би му дозволил да ја промени средината за најмалку 70 милиони евра, сума која Атлетико е подготвен да ја плати.

Се вчитува...