Судиите казнети, на Мертенс му се заканува суспензија

Слабата арбитража на судијата Давиде Маса и неговиот асистент од ВАР-собата, Паоло Валери, предизвика бурни реакции во италијанската јавност, но според најновите информации покрај двајцата судии лесно може да се случи суспензија да заработи и Дрис Мертенс. Имено, за главен „грев“ на Маса се смета досудениот пенал за Наполи при резултат 1-1, кога беше повеќе од очигледно дека Мертенс изглуми прекршок во шеснаесетникот.

„Судијата имаше добар поглед на ситуацијата и донесе погрешна одлука. За ситуацијата да е уште полоша, ВАР-судијата ја погледна ситуацијата од повеќе агли и реши да не реагира“ – незадоволен е шефот на судиите во „Серија А“, Никола Рицоли, кој додаде дека арбитрите сигурно нема да ја делат правдата следниот викенд.

Тоа е одлука што може да ја донесе самиот Рицоли, додека „дисциплинците“ ќе треба да решат дали ќе се покрене постапка против Дрис Мертенс. Во правилникот постои член по кој играч може да се казни за „крајно неспортско однесување“, во кое влегува и глумата на терен, а за кое се предвидува суспензија од два натпревари. Сепак, во ситуација кога наредниот викенд на календарот е големото дерби меѓу Јуве и Наполи, јасно е дека евентуална казна на најдобриот стрелец на „наполитанците“ ќе предизвика бура на самиот старт на сезоната.

Се вчитува...