Судиите не виделе ништо: МЗТ службено ќе го загуби мечот со Чаир?!

МЗТ Скопје ќе го загуби првото место на табелата откако „металците“ решија да не го доиграат вечерашниот дуел со Чаир, за што речиси сигурно ќе претрпат и службен пораз поради одбивањето да се вратат на терен.

Од таборот на актуелниот шампион се жалат дека биле нападнати од лица кои се нашле пред нивната соблекувална и тргнале и физички да се пресметаат, поради што аеродромци воопшто не се вратија на теренот за да го доиграат второто полувреме.

Проблемот е во тоа што во моментот на големиот инцидент судиите и делегатот се уште биле на теренот и воопшто не забележале што се случило. Тие за ова ги известиле и „металците“, ставајќи им до знаење дека неиграње на натпреварот без забележан инцидент во записникот ќе значи и службен пораз за МЗТ, но аеродромци останале цврсти на ставот дека не постојат услови за нормално доигрување на натпреварот.

Означувањето на крајот од страна на судиската тројка речиси сигурно ќе значи и службена победа за Чаир, а конечната одлука сепак ќе треба да ја донесе Комесарот Милојевиќ во наредните денови, по комплетирањето на оваа рунда од Првата лига.

Ако се исполнат најавите на официјалните лица за службен пораз, тоа ќе значи дека МЗТ Скопје ќе остане и без предвидениот бод што вообичаено им припаѓа на поразените екипи, со што аеродромци речиси сигурно би ја загубиле трката за првото место од Работнички, а можеби дури и втората позиција за која до крајот на сезоната ќе водат трка со Пелистер.

Се вчитува...