Судиски маки за РФМ

Ракометната експанзија во Македонија продолжува, но таа донесе со себе и неочекуван проблем – недостиг на судии за овој спорт, беше обелоденето на денешниот состанок на Управниот Одбор на Македонија. Челниците на РФМ уште пред извесно време донесоа одлука куќата на ракометот да ги покрива таксите за судии и делегати за да им се олесни на клубовите, со тоа значително порасна бројот на екипи што се натпреваруваат во младинските натпреварувања, но сега проблем е да се најдат официјални лица за овие средби.

„Зголемувањето на бројот на екипи во сите натпреварувања придонесе да се соочиме со неочекуван проблем, сега да има сериозен недостиг на судии и делегати за натпреварите. Како федерација во последните години исплативме над четири милиони денари токму на оваа ставка, за да им помогнеме на екипите и да покриеме дел од нивните трошоци за натпреварување, а сега масовноста создава еден поинаков проблем. Моментната состојба е таква каква што е, но искрено се надевам дека што поскоро ќе се најдат ентузијасти кои ќе видат предизвик во еден ваков ангажман, ќе ја минат целосната процедура за станување ракометен судија и ќе станат дел од овој спорт“ – истакна претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Се вчитува...